Панел дискусија на тема "Виртуелни закани, реални последици - Сајбер насилството кон жените и младите во дигиталната ера"
Вто, 10/12/2024
Во рамките на кампањата 16 дена активизам против насилство врз жените и девојките, Кризен Центар „Надеж“ организираше панел дискусија на тема „Виртуелни закани, реални последици - Сајбер насилството кон жените и младите во дигиталната ера“, која се одржа на 10.12.2024 г. во Културниот дом Димитар Влахов во Автокоманда. На панел – дискусијата се зборуваше најмногу за сајбер насилството кое е општествен проблем што остава длабоки трауми, особено кај жените и младите. На настанот присуствуваа: заменик министерот за труд и социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, секретарот на Општина Гази Баба Невенка Стаменковска Стојковски, советникот Живко Белчев, претседателката на Кризен центар Надеж Маја Ацевска, како и претставници од Коалиција СЕГА и Детска амбасада Меѓаши, кои дадоа свои излагања за родовата еднаквост како основен предуслов за искоренување на насилството врз жените и девојчињата. 16 дена активизам против родово базирано насилство започна на 25 ноември – Меѓународен ден за елиминација на насилството врз жените и завршува денес 10 декември – Ден на човековите права. Целта на оваа меѓународна кампања е да се превенира и елиминира насилството врз жените и девојчињата, да се охрабрат отворено да зборуваат, да реагираат и да не молчат. На панел дискусијата нашето училиште имаше и свој претставник, стручниот соработник Елена Геговска, која како говорник на панелот зборуваше за психолошкото влијание врз децата и младите од социјалните мрежи и користењето на ИТ алатките, како и можната превенција и заштита од истото. |