Посета на Владата на Македонија – вонучилишна активност за учениците од 6 одделение
Денес учениците од 6 одделение имаа чест и задоволство да ја посетат Владата на Република Македонија и одблиску да се запознаат со нејзината функција и значење за целокупниот живот на нашата држава.
Учениците беа љубезно пречекани и имаа можност да ја видат Свечената сала, кадешто свое обраќање кон учениците имаа госпоѓа Верче Мицевска, национален координатор за безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика и господин Столе Пандов, советник за млади.
Учениците ја видоа и Старата сала за седници, кадешто се одржуваат комисии, како и Новата сала за одржување на владините седници, па одблиску можеа да видат каде е местото на Премиерот, Секретарот на владата, министрите и останатите присутни на седниците.
Учениците дознаа која е улогата на Владата и задачите кои ги има.
Интересен дел од денешната посета беше посетата на Медија центарот кадешто учениците имаа улога на новинари и учествуваа во прес конференција. Госпоѓа Мицевска и Господин Пандов исцрпно одговараа на прашањата од учениците кои сакаа да научат многу нови работи за нивните работни активности во Владата.
Потоа учениците го посетија и холот кај премиерот, кадешто беа изложени портретите на сите досегашни премиери.
На крајот на ова убаво и едукативно патешествие беа направени заеднички фотографии, а на учениците им беа поделени убави подароци, но и корисни совети за во иднина. ,,Следете ги своите соништа, учете, бидете трудољубиви и ќе успеете во животот.”
Нашето училиште изразува голема и искрена благодарност до Владата на Република Македонија и госпоѓа Верче Мицевска, како и до сите луѓе во Владата кои денес не пречекаа мошне топло и срдечно и ни ја овозможија оваа убава активност.
