Посета на етно комплекс Македонско село – Скопје
На ден 31.10.2025 година учениците од предметна настава имаа можност да го посетат етно комплексот Македонско село во Горно Нерези, Скопје.
Учениците најпрво го посетија манастирот Свети Пантелејмон, за кој слушнаа многу поучни податоци од кустосот во манастирот.Храмот е изграден во XII век и е посветен на светиот лекар Пантелејмон, Според староста, црквата Св. Пантелејмон е најстара зачувана црква во Скопје и околината, па зазема значаен дел од средновековниот културен хоризонт на Македонија. Црквата е еден од најубавите споменици на средновековната уметност, сублимирајќи ги во себе врвните уметнички дострели на Комненовската династија. Учениците уживаа во прекрасниот поглед кон градот Скопје кој им го понуди манастирот Св. Пантелејмон, обвиткан во есенско руво.
Потоа учениците се упатија кон етно комплексот Македонско село, кој ги пречека во прекрасен традиционален амбиент. Сите ученици имаа можност да ги видат најразличните градби и занаетчиски работилници, дознаа многу факти за филигранството, антикварството и за традиционалните македонски облеки, обичаи и градби. Чекорејќи низ поплочените улици со камени плочи, заедно со многубројните странски и домашни посетители, учениците за момент се најдоа во едно дамнешно време, во минатото кога се живеело малку поинаку од денес.
За атмосферата да биде поубава , освен љубезноста и гостопримливоста на вработените во етно комплексот, свој придонес даде и убавото сончево време, па сите ученици уживаа во посетата.
